Одложена утрешната седница на Судскиот совет

27 февруари, 2018 | 13:28 часот | 456 прикажувања |

Поради службено отсуство на претседателот и на дел од членовите, Судскиот совет ја одложи утрешната седница. Советот според дневниот ред требаше да донесе одлука за избор на претседател на скопска Апалација како и за Основниот суд во Дебар. Освен тоа на Советот му остана недовршена постапката за петте барања за поведување постапка за одговорност на судии. На веб страницата на Судскиот совет нема точен датум кога седницата ќе биде закажана. Тоа ќе биде дополнително соопштено, стои во писменото известување.

Судскиот совет на седницата од 15 месецов на затворена седница ја почна оваа постапка. Пред почетокот претседателот Караџовски изјави дека најпрво Советот ќе одлучува кој ќе го замени Советот за утврдување факти кој престана да постои. Потоа комисија од три члена избрани со ждрепка ќе решава за барањето, по што ќе следи доставување извештај пред Советот. Караџовски истакна дека рокови нема, но Законот предвидел добри механизми да не се одолговлекува постапката.

„Често пати се случуваат проблеми со доставувањето на писмената и поканувањето, но законот предвидел добри механизми, такашто сметам дека нема долго да трае постапката кај тие комисии, а по завршувањето на дејствијата на комисиите рокот за доставување во кој што треба да поднесе извештај до Советот е 15 дена“, изјави претседателот на Судскиот совет, Караџовски.