Утре почнува судењето за „Тортура“

27 февруари, 2018 | 10:18 часот | 548 прикажувања |

Утре, во Кривичниот суд треба да се одржи првото рочиште за предметот на СЈО „Тортура“, што се однесува на начинот на лишување од слобода на лидерот на „Обединети за Македонија“ и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.

Во „Тортура” обвинети се поранешниот прв човек на единицата „Алфа” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата за апсењето на Бошковски.

Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.

Во оваа постапка првообвинет беше поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков. Но, судот делумно го прифати обвинението на СЈО и според донесената одлука, да им се суди само на шестмината од единицата „Алфа”, но не и на поранешниот прв човек на УБК.

На оваа одлука СЈО поднесе жалба до Апелациониот суд, кој треба да одлучи дали обвинителниот акт ќе се однесува и на Мијалков.