Милошоски: Ќе присуствувам на утрешниот протест, барањето за менување на Уставот е мешање во внатрешните работи

26 февруари, 2018 | 22:28 часот | 1.706 прикажувања |

Антонио Милошоски, поранешниот министер за надворешни работи и сегашен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на протестниот марш за одбрана на името кој е закажан за утре во 18 часот пред ЕУ Инфо центарот во Скопје. Одлуката за учество на протестот Милошоски ја соопшти во свое видео обраќање на Фејсбук.

„Утрешниот протест по однос на зачувување на идентитетот и уставниот суверенитет на Република Македонија доколку истиот биде достоинствен и мирен, без разлика што е зимно време може да и биде и од помош на државата, без разлика кој раководи со неа. Јас ќе присуствувам на тој протестен собир и ќе имам прилика да бидам како еден чесен, родољубив граѓанин на Република Македонија дел од луѓето коишто сметаат дека треба да бидат присутни на овој протест. Дали некој сака да присуствува или не сака, тоа е лична работа, но мислам дека како граѓани, како нација и народ добро е да покажеме дека имаме став. Борбата ниту ќе почне утре, почнала многу одамна, ниту ќе заврши тука треба многу мудрост, визија и трпение и аргументи, но сепак најмногу од се ќе ни треба слога“, рече Милошоски, посочувајќи дека во името на националната слога ќе ја даде својата поддршка за протестот.

„Сметам дека сите граѓани, без разлика дали се политички активни, се или не партиски определени, имаат право да го искажат своето мислење. Уште и подобро е кога зад одреден протест не стои една или друга политичка партија како организатор, подобро е граѓаните да го кажат она што мислат на начин како што тие самите го замислуваат, особено ако протестот е достоинствен и е искористен како демократско право да се искаже мислењето на народот“, вели Милошоски.

Посочува дека долго време бил вклучен во спорот којшто Република Грција го има со Република Македонија и повеќе пати потенцирал дека Грција на почетокот од државноста на Македонија имала за цел да ја оспори таа државност со цел нашата држава да не постои и да биде составена во некој помал дел на Србославија.

„Откако видоа дека нашата државност е етаблирана, нивната цел е да се одолговлекува што е можно повеќе развојот на државата, да има што повеќе блокади и доколку мора да постои државата тогаш истата да се обезличи. Спорот со името е изговор и алатка како на Македонија да и се направат дополнителни проблеми. Од личните разговори кои ги имав со повеќе грчки колеги, министри за надворешни работи сметам дека нивната цел е да се обезличи идентитетот на Македонците. Тоа е наше цивилизациско право, како секој народ што го има, го имаме и ние, да се самоопределиме така како што се чувствуваме, без за тоа да ни диктира некоја земја којашто е или не е членка на ЕУ“, вели поранешниот министер за надворешни работи.

Милошоски рече дека постои разлика меѓу европските бирократи кои гледаат да си го обезбедат мандатот и европските политичари со принципи. Еден од нив бил Роберт Бадентер, кој во 1992 година потврди дека Македонија има демократски устав кој никого не загрозува.

Милошоски смета дека Македонија нема само историски, емотивни или етнички аргументи, туку од пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 2011 ние имаме и правни аргументи против нашиот јужен сосед, откако Судот утврдил дека Македонија има полно право во односите со другите држави да го користи своето уставно име – Република Македонија.

„Јас сум човек кој прифаќа Македонија да биде кооперативна со Европската Унија заради своите национални и државотворни интереси, но таа кооперативност не би требало да прерасне во сервилност кон неразумните триесетгодишни малтретирања од страна на Атина кон нашата држава“, вели Милошоски.

За грчкото барање Македонија да го смени Уставот и да ја измени химната вели дека ниедна држава, освен при трговско ембарго или при класична воена окупација не менува Устав и ниедна друга демократска држава не бара од државите да менуваат Устав.

„Барањето за менување на Уставот е класично мешавање во суверенитетот и внатрешните работи на Република Македонија и мислам дека тоа треба да се одбие врз основа на принципот на суверенитетот на државите гарантиран во ООН и во рамките на ЕУ. Мојата порака до сите кои се во канцелариите на ЕУ е уште еднаш да го прочитаат мислењето на политичарот и професорот Роберт Бадентер од Франција од 1992 година и да видат дека Македонија и македонскиот устав се сосема демократски и се израз на нашиот државен и народен суверенитет и дека нивното менување е мешање во внатрешните работи без било кој да има право или аргументација да го прави тоа“, рече Милошоски во своето видео обраќање до јавноста.