Гане Тодоровски – стихови за Татковината

26 февруари, 2018 | 20:00 часот | 2.101 прикажувања |

Во своето творештво, Гане Тодоровски (Скопје, 1929-2010) беше опседнат со македонската судбина. Неговата поезија е величествена поема, истовремено и трагична и хуморна, нежна и темна, видовита и горда, полна со слики, кристално чисти, со далекосежни пораки. Во некои песни достигна големо мајсторство, карактеристика на творци од голем формат. Со својата оригинална поетска постапка тој повлече реска граница меѓу литературниот стандард и високите естетски вредности.

Пееше за делникот и за личности од народните низини, за херои и народни трибуни, им пркосеше на вообичаените клишеа врз кои се поведуваат многу поетски индивидуи. Неговите песни имаат чиста поента, силна порака и оригинален код.

Во прилог прочитајте некои од неговите најдобри и најпознати стихови посветени на Македонија.

КОН ТАТКОВИНАТА

Делнична мисла на луѓето ти не си им
освен на оние, кои за тоа се платени
Децата првпат те сретнуваат низ песните,
пред сѐ ко поим одвеќе книжно сфатен.

Но, кога тие ги слушнат свидните имиња
на Делчев, Петров, Сандански или Ацев,
тогаш ти веќе кокретна форма зимаш
в пригодна песна или во плескање раце.

Понекојпат се случува и ние на малечките
да им раскажуваме за тебе нешто поблиско,
за тебе земјо татковска, за тебе мечто Делчева,
за тебе првенче октомвриско.

Денот наш полн е со грижи и проблеми:
дете разболено, дрва, пари за нешто ново.
Проштевај мајко ако ти не си тема
тогаш во нашите најинтимни разговори.

Катаден мислите во безброј грижи ги топиме,
нашите желби низ што ли не се протињааат.
Не сметај дека в забрава сме те закопале
името твое помалку штом го спомињаме.

Но, кога празникот ги насмевне улиците
и ги претвори со мажи, деца, жени,
не ли се чита во секое наше лице
колку те љубиме тебе, колку те цениме!

И кога некој повод ги качи врз трибините
долгите говори името што ти го слават,
на кој ли морници низ жили не му минат
пред сето она што кај нас е направено.

Ако пак некаде започнат да ја пеат
„Денес над Македонија“ со гласови разлеани,
верувај дека тогаш луѓето в срце те греат
сеедно дали на митинг или во некоја меана.

Остави нека секој по своему те љуби,
пред тебе стои патот да крепнеш и да младееш,
и нема нужда сите на еден глас да трубиме
дека најскапото за тебе ќе го дадеме.

Воздишки, смеа, нерадост, радост, плачења…
Патот низ животот знае за многу бои.
Но, некој признае ли сводот да ти го смрачи
тие сме колепко, уз тебе што ќе стоиме.

МЕЧТАНОТО ВРАЌАЊЕ НА ЖИНЗИФОВ ВО ТАТКОВИНАТА

Да не ме довтаса никој се сторив облак вишен,
(кој знае колку облакот да патува и пати!)
Кога те догледав, мигум се престорив тишина,
па ко дооеденик капнав пред твоите врати…

Да не ме сожали никој те претворив во тајна,
в болка скаменета кон дна јужна страна,
која само на душата врколно ѝ е знајна
ко лузна несогледлива, ко жива рана!

Патишта беа годините, стрмнини беа и скали,
не бев затаеност, бев порој, бујно бродење…
Ветришта ли ги развеаја моите идеали
со кои низ толку неизвесности изодевме!

Проклета да е неразумноста на оној миг,
кога помеѓу ни се растегна далечина,
та да те знам и љубам ко недостиг,
само ко непребол, ко песна неизречлива…

Исковав меч од мечти и те извојував ко небо сино,
сег ко смирен облак над твоите простори чекам,
стори ме дождовна капка горешта солза,
татковино,
да капнам и да се впијам в твојата пазува мека.

МАКЕДОНСКИ МОНОЛОГ

В крвта ни остана едно недоречување,
ропско, македонско и зошто не: наметнато!
И требат тони грижи на појќе поколенија
за да се истријат тие петна
на срам од себеси, од себепремолчување.

Не знам дали сум јасен, Родино,
но сета дарба што ја носам и за себе ја викам
најобично несокривање на мислите,
ќе Ти ја завештам во трајна своина
оти нам ќе ни бидат недоволни нашите години
за да Те дотераме како милноина
и како наш протеј да Те осмислиме.

Самите се нарековме тоа што сме,
самите в часот зол и ќе се преброиме –
но, пуста таго ле, смев до смев па грев до грев:
одвеќе сотиме! И ако така уште постиме,
не ќе постоиме!

Кои ли бевме? Кои сме? Од кај ли дојдовме?
Кого ли турнавме, кого ли качивме на престол?
И дали не ни е нужен некојси дедо Фројд
за да ги одгатне нашите нејасни гестови?

Толку се страхувам, некоја јанѕа ме јаде
да не би одново да Те раздадеме!
Толку го демне срцево голомразица
да не би Те запретеаме во фрази,
па како сите умници на светот
што саможивништвото за вјерују го прифатија,
да се извикаме гордо и клето:
Ubi bene ibi patria!

ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД

Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој-одненадеж,
за да му станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да го помакедончиме Скопје –
Ој, Македонијо, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

Дотековме во град по весници, по струја,
по телевизори, по стадиони, по кина,
по бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дрнчиме секој први
пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме,
Ој, Македононијо, кај ти е без нас алот!

Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македонијо, со пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Македонијо, со сојузни министри
и судбини на периферија,
Ој, Македонијо, со јоги душеци, со терени за скијање,
со пленуми, со црква автокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефицитарно осигурување,
со први домати во републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломати и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена,
Ој, Македонијо, на конкурси и конгреси,
на два Илиндена и филмови нетитлувани на македонски, –
Ој, Македонијо пленумска, синдикална
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?

Ој, Македонијо со голем број неписмени,
со Академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?

Ој, Македонијо, кај ти се селата Мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај-каде, до глувчина дупка
до канцелариите на бирократите.
Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!

Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагаат по работа.
Ој, Македонијо, науми почит кон мртвите,
збери ги коските на своите заљубеници,
коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покрај Гоцевите, покрај најсветите,
и крени крај нив паметник
на неродениот Македонец.

Ој, Македонијо, –
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!

НАШИНСКА

Да ни е да сме доста
колку за да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине-

Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –

Да ни е да сме мерата
колку за да се прелееме
од колено во колено до крај истрајвекот-

Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат

Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!

КАРТАТА НА МАКЕДОНИЈА
Или: ПЕСНА ЗА ТАНАС ЛУЛОВСКИ

Се можело ли толку лефтерно
со две-три говорливи линии и уште
со две-три расприкажани бои
на платно да се плисне размисла
за Т а т к о в и н а т а?

Ете – се можело!

Врамена ни е судбината
ко нешто превртено одопаку
болештина во рамка болетина во многу бои
Згрчени хоризонти на надежта
стуткани визии прогалсени за отпадоци
распослана вистина на дланка
и ликовна перфекцијана безизлезот

А гледаш само хамер и само една карта
и многу растркалани по неа моливи
изострени неоти изгладнети
за да се докажат во една грда функција
гледајќи шарки гледаме горчина
гледаме своја историја –

Не ни е врамена само воздишката
сочувана за друга боја –

И тоа би можело – би можело.

СВЕТО Е СЀ ШТО ЖИВЕЕ

Се случи тоа што се случи –
Убија невини, убија мирни, убија незаштитени,
Те обесчестија Татковино дојденци, суртуци,
убијци,
Безумци спополавени до гуша вр крв зацапани,
Лесно кон меч што посегаат,
Ко црни јата зло долетаа,
Неоти демони на смртта во униформи на европејци,
Изроди грди на таа блудница Европа
Којашто поначесто ужива со копита да ни го валка Балканов.

Се самозаборавија од премногу сила
Убијците гордолики грди во душите,
Убиваа без ред без да знаат дека
Сила поголема крие нашиот живот од нивната смрт.
Подоцна крваво сфатија дека срамно
Самите жално ќе загинат –
Бидејќи е свето сѐ што живее,
Бидејќи силните, тоа сме ние – невините…