Конгресменот Пол Мичел за името: Грците треба да се надраснат себеси

26 февруари, 2018 | 15:14 часот | 8.343 прикажувања |

Конгресменот Пол Мичел вчера се обрати на мирниот протест кој го организираше Македонско-американската студентска асоцијација (МАСА) во Стерлинг Хајтс, Мичиген.

„Сметам дека ова е најдобар доказ за што се борат младите генерации. Младите луѓе препознаваат дека нивните права се вредни, нивната земја на потекло е важна и не треба да се откажат од нејзиното име. Не се придружив на групата (за поддршка на Македонија н.з.) затоа што ми звучеше добро, се приклучив бидејќи треба да ги заштитиме вашите права и правата на Македонците во светот. Македонија е голем партнер на САД, ние сме блиски со години и планираме да останеме така, иако некои земји…ќе разговараме со Грција и ќе ги убедиме да се надраснат себеси“, рече Мичел, а неговиот говор предизвика овации кај присутните на собирот.

Мичел (61) е член на Републиканска партија и на Конгресната група за Македонија и за Македонците-Американци. Активно ја поддржа кандидатурата на сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп.

„Посветен сум на одржувањето и на зајакнувањето на позитивни и заемно корисни односи меѓу САД и Македонија“, напиша Мичел на својот Твитер налог.