Заев за „Шпигел“: Барањето за менување на името во Уставот е недостоинствено

26 февруари, 2018 | 14:02 часот | 742 прикажувања |

Премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот магазин „Дер Шпигел“ го отфрла предлогот за менување на името на државата со име кое нема да биде преведено, исто како и промена на Уставот. „Не сакам ни да помислам дека нема да успееме да најдеме решение во спорот за името“, вели Заев, пренесува Макфакс.

Новинарот на „Дер Шпигел“ разговорот го започнува со прашање до Заев, дали има нешто против доколку тој му го даде името Зоран на својот син, и дали тоа би го загрозило идентитетот на македонскиот премиер? „Секако не“, вели Заев. „Зоран е име кое постои во многу земји од Југоисточна Европа, не само во Македонија“. Прашањето е секако вовед во посериозниот проблем, оној меѓу Македонија и Грција околу името.

Разговорот е воден неколку часа по средбата на Заев со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин. На прашањето дали германската влада треба поактивно да учествува во разговорите,Заев вели: „Мислам дека на обете страни- и на македонската и грчката- им се потребни поддршка и охрабрување. Но да се врши притисок врз било која од страните, не е исправниот пат. Никој не може да ни ја одземе самостојната и суверена одлука во спорот за името“.

Во однос на можните територијални претензии на кои предупредува Грција, Заев вели дека единствените претензии од Македонија се насочени кон грчките плажи. „Да, ние сакаме налето да ги окупираме убавите грчки плажи и острови. Повеќе од еден милион Македонци секоја година патуваат во Грција, таму ги трошиме нашите пари, ја сакаме Грција, има многу контакти меѓу бизнисмени и туристи. Но искрено: немаме никакви други окупациски намери“.

Предлозите кои деновиве се слушаат од грчки политичари, за менување на името на државата со име кое нема да биде преведено, за Заев се неприфатливи. „Не можам да препознаам разумни аргументи за такво нешто. Како тоа практично би изгледало, да не се преведува нашето име? Дали треба да ги натераме канцеларката Меркел или претседателот на САД, Доналд Трамп да нè нарекуваат, на пример, Северна Македонија? Таков пример нема никаде во светот“, вели Заев.

Сличен е ставот на македонскиот премиер и во однос на барањата за промени во Уставот, односно за промена на уставното име. „Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам никаква причина за барањето, името да го менуваме во Уставот, тоа не е достоинствено. На Грција ѝ е потребен доверлив партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се промени, но тие промени би можеле повторно да се изменат. Најважната гаранција за Грција е решението за спорот за името да биде одржливо. Тоа се прави со меѓународни договори, кои се ратификуваат и важат и во меѓународните организации“, вели Заев.