Охридскиот огранок на ВМРО-НП го поздравува чинот на МПЦ-ОА да бара помош од БПЦ

22 ноември, 2017 | 10:23 часот | 329 прикажувања |

ВМРО – Народна партија од Охрид ја поздравува одлуката на светиот синод на Македонската Православна Црква да изнајде начин за признавање на нашата света апостолска православна црква и секако да се исправи една историска неправда од 1767 година кога беше укината Охридската Археипископија.

„За таа цел го охрабруваме светиот синод на МПЦ да продолжи да разговара со сите православни цркви, особено со оние кои вистински сакаат да помогнат во признавањето на МПЦ, а тоа во моментов е Бугарската Православна Црква. Нашиот апел до двете православни и сестрински цркви и до нивните великодостојници е да го искористат овај историски момент и да си подадат рака и со тоа ќе покажат зрелост и мудрост, а истовремено ќе придонесат кон приближување и помирување и на другите православни цркви во регионов“, се вели во партиското соопштение.

Од партијата велат дека не можат да ги разберат напорите на поединци и одредени медиуми кои со сите сили работат овој историски договор да не успее.

„Уште еднаш го повикуваме владиката Повардарски Агатангел, повеќе да се посвети на учење на верата и љубовта помеѓу христијаните, а во иднина кога ќе се појави во јавност ставовите кои ги изнесува барем да бидат негови, не ментор и нарачател да биде Илија Димовски. Од такви ментори кои беа на власт единаесет години видовме до каде ја донесоа Македонија и Македонската Православна Црква“, велат од ВМРО-НП Охрид.