ЗНМ: Кабинетот на Иванов издавал безбедносни сертификати на новинари

26 февруари, 2018 | 13:08 часот | 461 прикажувања |

Здружението на новинари на Македонија изразува сериозна загриженост што Kабинетот на претседателот Ѓорге Иванов во изминатиот период им понудил безбедносни сертификати на одредени новинари наводно во име на поголема транспаретност на институцијата.

„Имаме сериозни информации дека најголем дел од новинарите што се повикани на брифингот во кабинетот на Претседателот потпишале бланко барање за добивање безбедносен сертификат, без да имаат можност да се информираат за правата и обврските на носителите на ваков сертификат и како тоа ќе се одрази на нивната работа. Сметаме дека доделувањето на вакви сертификати за новинари од безбедносните служби претставува притисок врз новинарската професија, со тоа што новинарите од стожери на јавниот интерес ги претвара во државни службеници. Ваквиот непромислен потег на претседателот Иванов ја загрозува и слободата на медиумите и претставува обид за контрола, затоа што поврзување на новинарите со безбедносните служби дополнително ќе ја зајакне самоцензурата“, велат од ЗНМ.

Оттаму го повикаа Иванов да им нареди на неговите советници веднаш да ја прекинат постапката за издавање безбедносни сертификати на новинарите.

„Ако претседателот сака да ја зголеми транспаретноста тоа може да се направи со почести контакти со медиумите и објавување на сите информации од јавен карактер со кои располага институцијата“, велат од Здружението на новинари.

ЗНМ ги повика новинарите веднаш да се откажат од барањњето за добивање сертификат бидејќи тоа е во спротивност со Кодексот на новинари.

„Тој нè обврзува да ги почитуваме законите на земјата, но исто така бара од нас да не сокриеме информација, што е во спротивност со јавиот интерес“, сметаат од ЗНМ.