Зимската служба во Град Скопје до сега фрлила 455 тони сол

26 февруари, 2018 | 13:03 часот | 564 прикажувања |

По врнежите на снег кои го зафатија скопскиот регион, екипите на Зимската служба на Град Скопје веднаш излегоа на терен и интервенираа на булеварите и на магистралните улици што се во надлежност на Градот. Во текот на изминатите часови поминати се сите булевари и улици што се во надлежност на Градот Скопје, а дополнително со сол се поминати и т.н. „критични точки“, велат од Град Скопје.

На терен зимската служба интервенира со механизацијата на јавното претпријатие „Улици и патишта“, односно со 19 разновидни возила и машини (16 возила на зимска служба и 3 грејдери), а на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија. Во текот на вчерашниот ден и изутрината на градските улици и булевари фрлени се 455 тони индустриска сол.

Во текот на вечерта пунктот на ЈП „Улици и патишта“ во Припор го посети и градоначалникот Шилегов, кој ги координираше активностите на зимската служба. И во текот на денешниот ден екипите на зимската служба будно ја следат состојбата на градските сообраќајници и ќе интервенираат според потребите согласно со условите на теренот.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

„Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Апелираме до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти“, се вели во соопштението на Град Скопје.