Денес нов обид за почеток на случајот „Поткуп“

26 февруари, 2018 | 8:42 часот | 566 прикажувања |

Во кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за случајот „Поткуп“ во кој обвинет е премиерот Зоран Заев.

Досега неколку рочишта беа одложени. Претходното рочиште беше одложено на барање на јавен обвинител кој го известил новиот судија во предметот, Дарко Тодоровски дека не може да присуствува на рочиштето.

И претходно рочиштето исто така беше одложено, бидејќи предметот не беше пристигнат од Апелацискиот суд, кој требаше да одлучи по жалбата на одбраната на Заев, која побара видеоснимките од посебните истражни мерки да не бидат користени како доказ во судската постапка за случајот „Поткуп“, затоа што делови од неа беа јавно објавени на видео-сервисот „Јутјуб“.

Заев во случајот „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од приближно 160 илјади еевра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.

фото: Роберт Атанасовски