Заев уверен дека во јуни ќе има препорака за почеток на преговорите со ЕУ

25 февруари, 2018 | 16:33 часот | 691 прикажувања |

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференцијата со Јункер истакна дека е благодарен што Македонија му е прва земја од турнејата на Балканот.

„Со стратегија за проширување на ЕУ со земјите од регионот, ЕК ја потврдува европската иднина на Македонија. На место е определбата дека Унијата треба да стане посилна пред да стане поголема“, вели тој.

Заев додава дека Македонија очекува извештајот на ЕУ да го лоцира напредокот постигнат во планот на домашните реформи.

„Уверени сме дека во јуни годинава Советот ќе донесе одлука за почеток на пристапните преговори. Работиме на озбезбедување препораката од сите земји членки“, додаде Заев.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер рече дека во земјава не пристигнал за да соопшти точен датум за почеток на преговорите, но напомена дека Македонија е на добар пат.

„Не дојдовме да ви соопштиме датум, туку да ви кажеме дека сте на добар пат и ако продолжите по тој пат за неколку месеци ќе и дадете можност на Европската комисија на Советот да му препорача отпочнување на преговорите за приклучување“, рече Јункер.

На македонските власти им порача да го решат спорот за името со нивните грчки пријатели и нагласи дека веќе разговарал со Ципрас.