По цели 37 години, ерата на Роберт Мугабе заврши

21 ноември, 2017 | 20:57 часот | 232 прикажувања |

Претседателот на Зимбабве Роберт Мугабе изјави дека поднесува оставка веднаш и доброволно, за да овозможи непречен трансфер на власта по 37 години владеење, рече денеска претседателот на парламентот Џејкоб Муденда, читајќи го писмото на Мугабе пред пратениците.

За време на читањето, присутните во салата се радуваа и танцуваа, а слична беше атмосферата и на улиците на главниот град Хараре, кога беше објавена веста за оставката на 93- годишниот шеф на државата, кој доминираше во јавниот живот на Зимбабве од 1980 година, кога земјата прогласи независност од Велика Британија.

Претходно, парламентарците расправаа за импичмент на Мугабе, кој беше обвинет, меѓу другото за овозможување на неговата сопруга да ја узурпира уставната моќ и оти е во поодмината возраст и без капацитети да владее.

Оставката доаѓа една недела по воената интервенција предизвикана од разрешувањето на долгогодишниот потпретседател Емерсон Мнангагва и назначувањето на непопуларната 52-годишна сопруга на Мугабе, Грејс на негово место.

САД повикаа на слободни избори во земјата

САД денеска повикаа на слободни и фер избори и за безусловно почитување на владеењето на правото во Зимбабве.

„Денеска е историски момент за Зимбабве“, се вели во соопштението на Американската амбасада во Хараре, а по повод оставката на Роберт Мугабе.

„Без оглед на краткорочните мерки што владата може да ги преземе, патот напред мора да води кон слободни, фер и општи избори“, се наведува во соопштението од Амбасадата.