Македонската дијаспора од Канада ќе ги покрие трошоците за протестот за одбрана на името

24 февруари, 2018 | 23:05 часот | 1.401 прикажувања |

Македонската дијаспора од Канада ќе ги покрие трошоците за автобусите и озвучувањето на протестот за одбрана на името Македонија, кој е закажан за вторник, 27 февруари, пред ЕУ Инфо центарот во Скопје, со почеток од 18 часот.

Од Глобалната македонска координативна мрежа со седиште во Канада информираат дека тие ќе целосно ќе ги покријат сите трошоци за озвучување на протестот, како и за автобусите на сите организирани групи во Македонија кои не се во можност да ги покријат сами. До сега, за потребите на протестот биле организирани 13 автобуси од цела Македонија.

„Нема да дозволиме тешката финасиска ситуација да ги остави патриотите дома додека цела Македонија и Македонците во светот се дигаат за одбрана на македонските национални права! Нема да дозволиме фамилиите на нашите уставобранители да останат без леб додека нашите браќа и сестри гнијат по македонските затвори само затоа што си ја бранеа својата земја“, велат од Глобалната македонска координативна мрежа.

Оттаму додаваат дека нивната помош ќе трае толку долго колку што ќе трае тиранијата врз македонскиот народ.

„Македонија е под опсервација на специјални надворешни и внатрешни сили за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Македонците во светот, како нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ чии корени се во Македонија, имаат историска и морална обврска да помогнат во одбрана на татковината, во одбраната на името на државата и идентитетот на нацијата. Неодложно е потребно семакедонско помирување и обединување во целиот свет за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата! Со Македонија постоиме сите, без Македонија ќе исчезнеме како нација“, велат од Глобалната македонска координативна мрежа.