Јункер и Хан утре доаѓаат во посета на Македонија

24 февруари, 2018 | 15:15 часот | 476 прикажувања |

Претседателот на Европската Комисија на ЕУ, Жан-Клод Јункер, во придружба на еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, во недела, на 25 февруари, ќе престојуваат во неколкучасовна посета на Република Македонија, како дел од нивната турнеја во регионот по повод Стратегијата за проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.

Република Македонија е прва земја од оваа серија посети, и Претседателот на ЕК Јункер ќе има средба со Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

По тет-а-тет средбата меѓу премиерот Заев и претседателот на ЕК Јункер, делегацијата на Владата на Република Македонија, ќе одржи и пленарна средба со делегацијата на ЕУ.

Програмата на оваа работна посета во Владата на РМ ќе заврши со заедничка прес-конференција на Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев и Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер, која ќе се одржи во 14 часот и 35 минути.