Димитров од Брисел: Во Македонија се роди вистинска решеност за напредок

23 февруари, 2018 | 20:35 часот | 561 прикажувања |

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Брисел учествуваше на годинешниот форум „Европа – повторно на вистинската патека”, во организација на Центарот за европски политички студии.

МНР Димитров учествуваше на две панел дебати: „Западен Балкан: црна дупка во Европа?” и „Копенхашката дилема на ЕУ: Заштита на владеење на правото пред и после пристапувањето?”.

Во своите излагања министерот Димитров се осврна на процесот на европската интеграција на Република Македонија и регионот; и предизвиците на интегративниот процес, гледано во двете насоки – таа на Македонија и регионот, но и таа на Брисел и земјите членки.

Притоа, како што информираат од МНР, Димитров ја потенцираше потребата од заемно препознавање на создадената можност и висок степен на ангажман за нејзина реализација: „Во Македонија се роди нова вистинска решеност за напредок. Одговорноста таа да се валоризира во дофатлив резултат е заедничка. Време е како регион да се фокусираме на иднината и да влеземе во натпревар за тоа кој ќе овозможи подобро општество за своите граѓани, поквалитетно здравство и понапредно образование.“

Во поглед на Копенхашките критериуми и владеење на правото, МНР Димитров заклучи дека денес процесот на пристапување во ЕУ е значително различен од тој при првите бранови на проширување на Унијата: „Критериумите за членство се зголемени, а известувањето е построго. Тоа само по себе го прави процесот поефикасен. Сепак, внесувањето на поголема искреност дополнително ќе придонесе за одржливоста на реформите, вклучително и владеење на правото.“

Своето учество на форумот МНР Димитров го искористи и за средба со заменик премиерот и министер за надворешни и европски работи на Кралството Белгија, Дидие Рејндерс, и негово информирање со актуелностите во ЕУ-реформското досие на Република Македонија.