Огинар до Фрчкоски: „Интелектуалците“ од твојот сој никогаш не ќе можат да исчекорат од Платоновата пештера

23 февруари, 2018 | 18:38 часот | 17.078 прикажувања |

Професорот Нестор Огинар, кој заедно со неговата сопруга Милица е еден од потписниците на писмото од 200 интелектуалци за прекин на преговорите за името му напиша отворено писмо на проф. Љубомир Фрчкоски, кој во своја колумна за порталот „Либертас“ потписниците на писмото ги нарече „срамна сурија“.

Во прилог ви го пренесуваме неговото отворено писмо:

Данаиле, Данаиле,

Ти пишувам од „провинцијата” Њујорк каде што за последниве 50 години научив дека мојата Македонија, таму од другата страна на океанот , има премногу „интелектуалци “од твојот сој кои што никогаш не ќе можат да исчекорат од Платоновата пештера.

Те познавам како еден од „сезнајните” , „се присатните” „архитекти“ на Вавилонската кула што ја изградивте на македонска почва и бевте скапо платени од раката на Мамнон. Повеќе од четврт век ти и таквите како тебе се вградивте во темелите на таа кула и секоја година ги менувавте циглите и камењата заедно.

Менивте и Устав, и Име и Знаме, и …менивте сѐ, а сепак вие останавте непроменети на самиот врв на кулата…, се до ден денешен.

А денес, кога таа кула се урива незапирливо, затоа што темелите вие ги копавте, ти повторно се обидуваш да останеш на тој врв, играјќи ја пак улогата на незаменливиот „УМ” на една лажна и неодржлива конструкција.

Во немоќ да се изразиш на македонски јазик, кој што очигледно го потценуваш, и со намера да го нагласиш својот космополитанизам, ти го прекриваш твојот текст со англосаксонски и латински зборови на кои би ти позавидел и еден Вујаклија.

Пишуваш на јазик на кој ништо не си научил од Блаже Конески. Ти, којшто никогаш не си излегол од твојата провинција без да ти платат оние во власта на кои наизменично им служиш, менувајќи се според дневните потреби, се дрзнуваш да ни држиш лекции мене и на мојата сопруга, меѓу другите.

Ти, којшто со години живееш во балонот на твојата самобендисаност, гледајќи се себеси катаден во водата во кој одамна се удави младиот само вљубен Нарцис, немаш ниту интелектуално право, ниту знаење, ниту морал да зборуваш на теми за кои би паднал на првиот испит пред вистински критериуми.

Те оставам да чмаеш и да трепериш во студот и темнината на пештерата на Платон затоа што немаш ниту храброст, ниту доблест да излезеш надвор на виделината каде што грее македонското Сонце.

Сакам да знаеш дека: „Цинизмот е последниот збег на неранимајкото”, а тој збег повеќе не може да ја крие суровата голотија на твојата универзитетска катедра што со години незаслужено ја узурпираш.