Јункер, Могерини и Хан вo недела во Македонија

23 февруари, 2018 | 15:30 часот | 590 прикажувања |

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер со посетата на Република Македонија в недела, 25-ти февруари, ќе ја почне Балканската турнеја и до 1-ви март ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан.

Јункер ќе го придружуваат европреставничката за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Засега се потврдени средбите со премиерот Зоран Заев и со претседателот Ѓорге Иванов, но не се исклучуваат дополнителни средби со други политички лидери. Јункер и Заев треба да имаат и заедничка прес- конференција, потврдуваат од Европската комисија, но од Брисел засега одбиваат да изнесат детали за пораките што ќе му бидат пренесени на македонскиот државен врв, особено во однос на прашањето за името.

Тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн повторно ќе ја посетат Македонија во рамките на процесот „Жан Моне“. Овој формат на средби меѓу Европскиот парламент и македонските политички лидери беше инициран кон крајот на минатата година, и има за цел да го помогне политичкиот дијалог далеку од очите на јавноста.

Во понеделник попладне тројцата пратеници ќе имаат средби со лидерите на главните политички партии. Се очекува тие да се сретнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска и спикерот на Собранието, Талат Џафери. Засега не се потврдени други средби.