Кривични пријави за 11 лица за случајот со девојчето од Домот „25 Мај“

23 февруари, 2018 | 15:05 часот | 484 прикажувања |

Министерство за труд и социјална политика соопшти дека до Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава против 11 одговорни и стручни лица од Центарот за социјална работа – Скопје за кривично дело „несовесно работење во служба“ и „запуштање на малолетно лице“, а во врска со случајот на 13-годишното девојче од Домот „25 Мај“.

Оваа пријава, посочуваат од МТСП, ќе биде покрената против сите лица кои биле задолжени да постапуваат и преземаат службени дејствија по предметот на малолетната Р.И. во периодот од 2012 – 2017 година.

Исто така, од страна на инспекторите се поднесени 12 иницијативи за покренување дисциплинска постапка против стручни лица, согласно со Законот за работни односи. Поведени се и 13 постапки за сторени прекршоци од страна на стручните лица во постапувањето во овој случај, согласно со Законот за социјална заштита, стои во соопштението.