Папата, Лидерот, Месијата и бургијата

22 февруари, 2018 | 23:09 часот | 12.879 прикажувања |

Според формулата на неговото Висoчество (1 кубен метар на 1.000 литри течност), приморани сме да го решиме спорот со името пред дождот. Во јавноста се чувствува интензивното преговарање на маса и под маса за тоа какво име би добиле во најбрз можен рок – иде Дунав. Тие со заеднички став (црвени линии), ние го немаме, а преговарачот ист. Ништо ново нели? Не!

Заедничкиот став или уште познат како црвени линии кој означуваше карактеристика на јужната стрaна, некако грчевито и пасивно менува нијанси. Но затоа северната страна која сѐ уште е под импресии од „Шарената револуција’’ активно расте и цути во боите на виножитото. Забрзано ревоцира, поточно забрзано отповикува, укинува, поништува, откажува и одбива сѐ тоа што беше досега. Од проста причина – со помош на екстра брза и вештачка регенерација да создаде услови ЗА ЖИВОТ(не)НА СИТЕ.

МЕСИЈАТА кој ни го ветија ни помалку ни повеќе, но мислам се повеќе е сколон кон метабулија. Што значи тоа? Тоа е кога одредена личност е склона да ја менува својата поранешна одлука. Не е еднаш, ниту два пати, туку скоро на секои две недели. Науката на глупоста го докажува ова многу лесно, иако се разбира листата на примери е голема и долга, но клучните промени изгледаат вака:

Убедуваше дека спорот со името го решил неговиот претходник, испадна дека не било така, па сега тој и јужниот колега биле „децата на Господ“ (читај месии), родени во ист период да стават точка и да решат сѐ. Се повика на Господ; па на референдум на граѓаните; на пратениците од Собранието; на големиот бато А; потоа на браќата Б и Х, се разбира, се помоли и кај сестрите Ф.М. и А.М.; за на крај замислете и на опозицијата. Метабулија нели?

Да бидеме реални, спорот за кој Месијата е пратен е долговечен и не така едноставно решлив. Во времето пред појавата на Месијата на северната страна владееше „Младиот Папа Пресвети БЦ“ – млад, надежен, поднапиен и во подземниот свет развиен. Народот од северната страна го обожаваше, му веруваше и го величеше. Па затоа, надворешните видоа прилика да понудат: Северна, Горна, Централна и Скопје. Младиот Папа ги одби… VIVA PAPA. Ова значеше крај за Младиот Папа, го примораа да ги вдоми веќе дојдените гости, а на сметка на тоа ги разочара домаќините. Спорот со името остана.

Младиот Папа замина во историјата, но затоа доби наследник – Лидерот. Визуелно, тактички и идеолошки различен од неговиот претходник. Лидерот со европски манири, економски визии, проекти, црвени ленти и стопроцентен патриотизам во себе. Го воздигна чувството на патриотизам и земјољубие на граѓаните, истовремено добивајќи ја најголемата подршка од кој било предходно. Ги промени навиките и начинот на живот, но не и ИМЕТО.  Со подршката доаѓаат и предлозите, ни повеќе ни помалку туку истите. Со помош на своите „харизматични“ економски политики го оспоруваше решението, бидејќи патриотизмот го налага тоа.

Пукнаа бомбите, се појави Месијата, земјата се затресе од сериозното, се појави најтрагикомичното, ветениот дојде. Како и сите, така и нашиот Месија дава сѐ од себе за братољубието и човекољубието. Го ранува своето за да го радува туѓото. Месијата не би бил Месија, ако во својата појава не крие нешто непознато, мистично, драматично, но во време во кое живееме сѐ е полесно, парите вртат таму каде што бургијата нејќе. Горна или Долна; Северна или Централна; Скопје или Приштина; Меѓујазична или Етничка, по сѐ изгледа дека денес не е важно каква, но важно е дека е во нечистите раце на Месијата.

П.С. За многу наскоро Република (бурек со сѐ) Македонија…

 

 

 


Пишува: Мирче Костадинов

Авторот е магистер по надворешна политика и дипломатија