Таравари и албанскиот амбасадор разговарале за Унијата на албански општини

22 февруари, 2018 | 17:57 часот | 704 прикажувања |

Амбасадорот на Република Албанија во Македонија, Фатос Река, престојуваше во официјална посета на општина Гостивар, при што беше пречекан од страна на градоначалникот, Арбен Таравари.

Како што информираат од Општината, на пријателската средба градоначалникот Таравари го запознал амбасадорот Река со предизвиците со кои се соочува новото општинско раководство, како и со постигнатите успеси со примена на нов пристап на раководење во првите три-четири месеци од мандатот.

„Ми претставува задоволство и чест денеска да го пречекам амбасадорот на Република Албанија во Македонија, Фатос Река. Разговаравме за проекти што ние како Општина Гостивар можеме заеднички да ги оствариме со општини од Република Албанија. Нашите односи се коректни и ќе се обидеме заеднички да го направиме најдоброто за граѓаните на двете земји во наредните четири години“, изјави Таравари за медиумите.

Бидејќи ова беше прва посета на албанскиот амбасадор во општина Гостивар по локалните избори, Река му го честита на Таравари преземањето на градоначалничката функција и му посака успешна работа уверувајќи го за поддршка и продлабочување на соработката меѓу општините од Македонија и Албанија.

„Ми претставува посебна чест денеска да му бидам гостин на г. Таравари. Дојдов да му ја честитам новата функција и да разговараме за зголемување на ефикасноста на привлекување и имплементација на европските фондови. Го уверив г. Таравари дека ние ќе го поддржиме во сите иницијативи во корист на граѓаните. Верувам дека како и во претходните функции, г. Таравари ќе има успеси и во функцијата градоначалник на Гостивар“, рече амбасадорот на Албанија, Река.

Воедно, Таравари го информирал амбасадорот за формирањето на унијата на албански општини, чие седиште ќе биде во Тирана. Работниот тим на оваа унија ќе биде составен од претставници на сите албански центри. Задачата на унијата ќе биде користењето на ИПА-фондовите за регионална соработка на албанските општини од Македонија, Косово и од Албанија преку конкретни проекти.