Општина Центар: Споменикот на Андон Јанев – Ќосето беше дивоградба

22 февруари, 2018 | 11:22 часот | 1.626 прикажувања |

Споменикот на Андон Јанев – Ќосето e отстранет од пред Врховниот суд затоа што беше дивоградба и не беше поставен на одобрената локација од страна на Град Скопје, велат од Општина Центар.

Од таму наведуваат дека одлуката за поставување на споменикот Советот на општина Центар ја донел уште на 28.12.2012 година.

„Тука е направено и основното прекршување на законот бидејќи во член 1 стои дека одлуката се носи заради одбележување на делото и оддавање почит на македонскиот комита и револуционер од илинденскиот период Андон Јанев Ќосето. Според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата. Меморијален споменик може да подига Собранието на Република Македонија, Советот на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје за одбележување со спомен-обележја на настани и личности што се од локално значење“, појаснуваат од Општината.

Решението за поставување на споменикот на Ќосето беше донесено од поранешниот совет на Град Скопје на седница одржана на 14.07.2014 година. Споменикот беше поставен ноќта меѓу 6 и 7 септември во 2014 година, како дел од проектот „Скопје 2014“ и како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. СЈО веќе работи на истрага за спомениците кои беа поставени како донација од ова Здружение, а за дел од нив е констатитано дека се дивоградби.

Споменикот на Ќосето е првиот споменик што власта на СДСМ го отстрани од проектот „Скопје 2014“.

фото: Призма