Иванов: Во Скопје зрачеше програма на турски две години пред Турција да добие државна телевизија

21 февруари, 2018 | 17:40 часот | 576 прикажувања |

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара одржа предавање на тема „Предизвици на високото образование во третиот милениум“ пред членовите на Советот за високо образование на Република Турција и ректорите од сите државни и приватни универзитети на Република Турција.

Иванов во своето предавање се осврна на историските промени во процесот на образованието, притоа правејќи паралела меѓу милет системот и македонскиот модел на интеграција без асимилација, како и за важноста на почитувањето наместо толерирањето на различностите.

„Еден куриозитет со кој се гордееме – првата телевизиска програма на турски јазик се емитувала на македонската телевизија во Скопје 1967 година. Турската држава својата телевизија ја формира 1969 година. Две години во етерот одела слика и збор на турски јазик од Македонија. Првиот професионален театар на турски јазик, надвор од Турција, е во Македонија, кој набрзо ќе слави 70 години постоење. Тоа укажува дека другиот не треба да го толерирате, туку треба да го почитувате. Затоа, оваа филозофија е она што нуди решенија за состојбите и на Блискиот исток и на Кавказ. Кога ќе го почитувате другиот, можете да очекувате и тој вас да ве почитува. Ако го толерирате, тој ќе знае дека не го сакате, дека само го трпите“, рече Иванов на предавањето пред турската академска заедница.

Претседателот зборуваше и за тоа какво образование им е потребно и е најсоодветно за новите генераци.

„Живееме во време на голема преобразба, кога сето знаење бара поинаква интерпретација, затоа што младите ќе живеат во сосема поинаков свет во кој знаењата што сте ги стекнале вие, веќе не се од корист. Но, ако ги сфатат принципите, ги сфатат законите и сфатат едно нешто што се вели етика, никој пат ќе немаат проблем во животот. Кој ги почитува моралните закони, тој ги почитува и природните закони. Кој е во баланс со природата, секој пат е со добри луѓе“, рече Иванов, кому му беа подарени дела од отомански автори.