Средба на македонската и турската прва дама

21 февруари, 2018 | 17:29 часот | 574 прикажувања |

Првата дама на Македонија, Маја Иванова, во рамките на официјалната посета на претседателот Ѓорге Иванов на Република Турција, се сретна со сопругата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, Емине Ердоган. Првите дами на Република Македонија и Република Турција на средбата разменија информации и мислења за нивните искуства и активности на кои досега се ангажирани и споделија информации за следните планирани ангажмани.

„Иванова се заблагодари за досегашната одлична соработка со ТИКА – Турската агенција за соработка и координација, со чија поддршка и под покровителство на Иванова се реализираа проекти во Република Македонија. Иванова искажа благодарност за реализираните проекти на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, отворањето на првиот Ургентен центар на Клиниката, кој свечено се пушти во употреба во декември 2013 година, и Проектот за комплетна реконструкција, односно реновирање и опремување на Одделот за интензивна нега на Клиниката, кој технички се пушти во употреба минатата година. Сопругата на претседателот Иванов нагласи дека со овие исклучително значајни проекти на Клиниката за детски болести поддржани од ТИКА се овозможија најсовремени услови за лекување и подобри здравствени услуги за најмалите пациенти“, соопштија од кабинетот на Иванов.

Иванова оствари средби и со Семиха Јилдирим, сопруга на турскиот премиер и со Хулија Чавушоглу, сопруга на министерот за надворешни работи на Република Турција.