Започна пролетното садење на цветните леи во Скопје

21 февруари, 2018 | 17:14 часот | 595 прикажувања |

Овој временски перод од годината е најпогоден за садење на пролетен цветен расад низ градското зеленило. Затоа нашите екипи, после акциите за генерално чистење на скопските општини, деновиве започнаа со своите активности, информираат од ЈП „Паркови и зеленило“ при Град Скопје.

Од претпријатието посочуваат дека природата во овој календарски период наложува обликување, уредување и одржување, со садење цвеќе и садници на зелените површини.

Екипите на „Паркови и зеленило“ ќе извршат обновување и дополнување на цветните површини на повеќе локации низ градот, каде хризантемата ќе се замени со најзастапената виола во повеќе бои и тоа на цветните леи на локациите – трети дел на парк „Македонија“ и во булеварската жардиниера на бул. „Гоце Делчев“, а на цветните површини кај полициската станица на Бит пазар, од видот виола ќе се засадат 1.500 корења.

Обновување со цветен расад е планирано и на кружниот тек во населба Топанско Поле, потоа во зеленилото пред општина Чаир и кај споменикот „Хасан Приштина“ на реон Ректорат.

Цветниот расад е од сопствено производство на Флораком Дооел за потребите на Јавното претпријатие. Од „Паркови и зеленило“ информираат дека тековно се извршуваат активностите на чистење и одржување на булеварското и блоковското зеленило низ градот.