Митревски си замина од Истра по само 44 натпревари

21 ноември, 2017 | 9:45 часот | 303 прикажувања |

Македонскиот интернационалец Ристо Митревски си замина од редовите на Истра поради кризата која ја зафати клубот.

Фудбалерите на Истра немаат земено плата дури шест месеци, а прв кој го искористи правото за заминување беше токму Митревски. Веднаш по Митревски на ист чекор се одлучил и Сандро Готал кој исто така во иднина ќе бара нова средина. Останатите играчи меѓу кои и вториот македонски интернационалец, Томе Китановски ќе чекаат разрешување на ситуацијата.

Митревски за Истра настапува од јули 2016 година, а во дресот на овој клуб одигра 44 натпревари на кои запиша два погодоци.

Угледниот хрватски медиум „Регионал Експрес“ за нашиот интернационалец во денешното издание напиша: „Освен статистиките кои се употребуваат кога некој играч заминува од клубот за Митревски треба да се напомене дека неговото значење во клубот беше над секоја статистика и дека заминувањето на Митревски е голем удар за зелено жолтите.

Вистински професионалец, играчот кој може да игра во било кој хрватски клуб заминува од клубот кој го натера да замине…

Сите симпатизери на Истра мора да се заблагодарат на Митревски за се што даде за клубот со извинување за се лошо што му приредија луѓето кои залутаа во Пула и клубот за кој чесно и човечки ја одигра секоја минута.

Треба да се верува дека Ристо Митревски ќе најде клуб кој ќе знае да го цени неговото фудбалско знаење и човечка вредност.“

Митревски заедно со Китановски беа едни од најдобрите играчи на Истра во изминативе година и пол.