ОМД: Еди Рама со изјавата за заеднички претседател на Косово и Албанија поттикнува национализам

21 февруари, 2018 | 15:44 часот | 614 прикажувања |

По повод изјавата на албанскиот премиер Еди Рама на 10-годишнината од независноста на Косово, во која прилика го наведе предлог заедничкото претседавање со двете држави, Обединетата македонска дијаспора изразува загриженост за настаните зад северната и јужна граница на Република Македонија.

„На 17 февруари 2008 година, Косово прогласи независност како засебна Република уредувана од Уставот каде што првиот член ја дефинира државата како „независна, суверена, демократска, единствена и недделива, без територијални аспирации или аспирации за присоединување кон било која друга држава или дел од држава.” Воедно, член четири, точка три од уставот, ја уредува државноста на Косово со „Претседател како врховен правен претставник на националното единство и осигурател на декократското функционирање на државните институции”, кои што уставни одредници во целост се прекршуваат со изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за евентуално заедничко претседавање на Косово и Албанија“, велат од ОМД.

Земајќи го предвид фактот дека градењето на добро-соседски односи помеѓу државите од Југосисточна Европа е еден од основните предуслови за членство во Европската Унија и НАТО, ОМД смета дека последната изјава на Премиерот Рама е противно од она што Евро-атлантската заедница го бара од земјите со кандидатски статус, кое наместо да ги подобри односите во регионот, претставува ризик за понатамошна дестабилизација на истиот.

Воедно, ваквата националистичка реторика на Премиерот Рама, ОМД смета дека наликува на националистичката политика на Слободан Милошевиќ во 90-тите, која наместо кон стабилизација, води кон спротивен исход во земјите од Западен Балкан. За земја членка на НАТО алијансата како Албанија, а истото може да се каже и за Бугарија и Грција, ОМД смета дека ваквата реторика придонесува за поттикнување на национализмот на Балканот, која наместо да наиде на критика и осуда од страна на Евро-алтантската заедница, истата е премолчена како начин на нејзино одобрување.

За една безбедносна и економско-политичка алијанса како што е Европската Унија и НАТО, ОМД верува дека е недопустливо пропагирањето на националистички, недемократски и непринципиелни политики, кои евидентно преовладуваат кај овие земји членки. Сметајќи го предлогот на Премиерот Рама за заедничкото претседавање на Албанија и Косово, како една од политиките кои Европската Унија и НАТО не смеат да ја допуштат поради својата националистичка содржина која наместо „симбол на националното единство” на Албанците кои живеат во регионот, повторно го разгорува сомнежот за евентуална интевренција во домашната политика на Република Македонија преку Тиранската платформа, неспорно претставува ризик за понатамошна дестабилизација на Балканот, Европската Унија и пошироко.

Согласно горенаведеното, ОМД верува дека е крајно време Европската Унија и НАТО да се оградат и ги осудат националистичките, недемократски и непринципиелни политики на Албанија, Бугарија и Грција, кои наместо да придонесат за мир, стабилизација и безбедност на Балканот, истите се едначат со ризик за понатамошна дистабилизација на регионот.