Бачев обвини дека Судот не им го впишувал новото име на партијата оти го содржела зборот „Македонија“

21 февруари, 2018 | 15:22 часот | 1.673 прикажувања |

Претседателот на партијата Единствена Македонија, поранешна НДМ, Јанко Бачев, рече дека Основниот суд Скопје 2 не сака да изврши упис на новото име на партијата поради зборот „Македонија.

„Денес споделуваме со јавноста скандалозна и шокантна одлука на судот за одбивање на уписот на новиот партиски назив: Единствена Македонија. Образложението на судот е дека во името на партијата се содржел зборот ‘Македонија’, а тоа според судот не било во согласност со член 16 став 3 од Законот за политичките партии. Ваквото решение на судот е правно неиздржано и претставува флагрантно кршење на законот“, рече Бачев.

Според Законот, рече тој, јасно и недвосмилено е дека во името на политичките партии не може да се содржи само името на државата – Република Македонија и државните симболи. Како што гледате, рече Бачев, називот Единствена Македонија не го содржи името на државата – Република Македонија, ниту пак државните симболи: грбот, знамето и химната на Република Македонија.

„Впрочем, внимавајте добро, одлуката на судот е доставена до подносителот Народно движење за Македонија, во кој назив го има зборот ‘Македонија’„ а со самата одлука се одбива уписот на Единствена Македонија, затоа што се содржел зборот ‘Македонија’. Значи, невиден апсурд“, истакна Бачев.

Тој рече дека од 55 регистрирани политички партии, зборот „Македонија“ е составен дел од називот дури кај 21 партија, а кај една партија во називот го има дури и името на државата-Република Македонија.

Бачев рече дека на ваквата одлука поднеле жалба до Апелацискиот суд.