Столтенберг: НАТО не гледа на Русија како на закана

21 февруари, 2018 | 10:33 часот | 636 прикажувања |

НАТО не гледа на Русија како на закана за која било членка на Алијансата, вели во интервју за „Форин полиси“ генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

„Не гледаме никаква закана од Русија кон која било членка на НАТО и затоа сум многу внимателен што се однесува на преголемите шпекулации за хипотетички ситуации. Она што можам да го кажам е дека ако се случи нешто слично на Крим или Украина, ќе реагира целата Алијанса, бидејќи НАТО е тука да ги штити и брани своите сојузници од која било закана, вели Столтенберг, одговарајќи на прашањето што ќе стори НАТО ако Русија „го направи на Балтикот тоа што го направи во Украина“.

Тој вели дека присуството на НАТО има за цел да спречи, не да започне конфликт.

Според него, НАТО ќе тежнее кон соработка со Русија во арктичкиот регион.

„Гледаме зголемена тензија на север, но мораме да продолжиме кон смирување на тензијата и соработката, која со децении ја развивавме со Русија. Дури и за време на Студената војна бевме сведоци на соработка меѓу членки на НАТО и Советскиот сојуз. Мораме да бидеме присутни, но на пропорционален одбранбен начин“, вели Столтенберг во интервјуто.