Коѕијас го брифирал Ципрас за последните случувања во разговорите за името

21 февруари, 2018 | 10:28 часот | 487 прикажувања |

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас го известил грчкиот премиер Алексис Ципрас за последните случувања во разговорите за името, пренесе МИА.

Коѕијас, според грчките медиуми, синоќа ја посетил премиерската палата и на тет-а-тет средба го брифирал Ципрас за контактите и разговорите што ги имал во изминатите денови, во врска со спорот со името.

За средбата, која не беше претходно најавена, јавува дописникот на МИА од Атина, официјално соопштение, но и дополнителни детали нема, ниту од грчкото МНР, ниту од кабинетот на грчкиот премиер.

Алексис Ципрас вчера имаше телефонски разговор со Ангела Меркел, а меѓу другото разговарале и за прашањето за името, но се договориле да се сретнат утре во Брисел на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.

Телефонскиот разговор Ципрас – Меркел беше на само еден ден пред посетата на македонскиот премиер Зоран Заев на Берлин и средбата со германската канцеларка.