ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја гази демократијата и го деградира владеењето на правото

21 февруари, 2018 | 10:15 часот | 466 прикажувања |

Судот и Јавното обвинителство ги кршат правата на притворените патриоти. Судот мора да ги исправи направените грешки,обвинуваат во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

„Неправедно и нехумано е жалба за второто продолжување на мерката притвор, уредно доставена на 30 јануари, да се стави на расправа по повеќе од 20 дена, само 6 дена пред истекот на деведесеттиот ден зад решетки. Досегашните решенија за продолжување на притворот се идентични, без аргументирани образложенија, неиздржани и неточни“, реагираат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека секој ден поминат во притвор на овие луѓе е тортура врз нив и нивните семејства.

„Пратеници, актери, интелектуалци, видни луѓе се јавно жигосани како терориристи и се намерно држени во притвор во нечовечки и понижувачки услови со цел нарушување на нивното здравје, интегритет и достоинство. Република Македонија станува држава во која законите се само на хартија“, стои во партиското соопштение.

Оттаму истакнуваат дека СДСМ со својот пристисок врз судството ја гази демократијата и го деградира владеењето на правото.

„Притворот во овој случај е замена за политички посакуваната казна со цел на граѓаните да им се испрати порака дека секој што ќе се осмели да протестира против оваа власт го чека истата судбина, а судот мора да го запре овој политички прогон“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.