Херонеја 338 или Беласица 1014 – од нас зависи!

16 февруари, 2018 | 20:25 часот | 2.368 прикажувања |

Драги мои Македонци! Македонија многупати низ вековите се наоѓала на крстопат и многупати одлучувала каква сака да биде и да остане. Бидувала или не, и после сите битки останувала Македонија. Можеби победувана и поробувана, но сепак непокорна македонска со свои македонски нишани со кои опстанала и до денес. А денес, токму денес и деновиве, оваа наша Македонија е на уште една балканска, европска и белосветска ветрометина. И денес треба одново да се бориме и избориме за да ја сочуваме и не само за себе, ами за сите идни поколенија и тоа токму каква што и ни ја дадоа предците – Македонија за Македонците и за внуците на Македонците!

Се бориме ли доволно? Се арчиме ли за Македонија како што се арчеа Гемиџиите, како што се арчеа комитите и партизаните, и по нив асномците, и по нив бранителите? Се арчиме ли ние, денешните Македонци за иднината и биднината македонска?! Та вие сами знаете дека не е така. А особено тие. Оние кои денес се претставуваат како божемни македонски водачи и раководители. Оние кои кои денес ја водат „виткајкичма-дипломатијата“, кои бесрамно, во преговорите со соседите, кажуваат дека ние Македонците немаме црвени линии како што сите нормални околу нас ги имаат исцртано. А, да ги прашам денешниве наши преговарачи: зарем крвта на паднатите за Македонија и за нејзината слобода не е доволно црвена и света за да ни биде црвената македонска линија?! Зарем името и јазикот не се нашите нишани кои мора да останат нашата црвена линија?!

Господо драга, прстот на умот и умот в глава пред да се одлучите да го извалкате македонскиот образ. Прстот на умот и умот в глава пред да помислите на евроамериканските сребреници со кои сакате на најмизерен начин да ја предадете и продадете македонската светост и македонската библиска вечност!

Заборавивте ли на славната македонска империја од која и денес се плашат оние јужните? Заборавивте ли на славната македонска фаланга и на славната Херонеја во која до корен беа поразени тогашите Грци, Атињаните, поразени од тогашните „варвари од север“, мудриот Филип и неговиот уште пославен син, најголемиот Македонец, Александар? Потсетете се уште еднаш на таа историска битка од која и денес се плашат сите оние кои знаат дека не се наследници на древните наши македонски цареви Филип и Александар.

Господо драга, Херонеја нека ни биде мотивот и силната волја за да не потпаднеме под ничие влијание и за николку пари, зашто Македонија е поскапа од сѐ. Македонија е поскапа и од нашиот живот, зашто само Maкедонија е нашиот живот и нашиот живот е единствено живот – само во таковината со вечно и библиско име: Македонија!

Драги мои Македонци и Македонки: Херонеја нека ни биде примерот и изворот на нашите сегашни и идни одлуки и битки како треба да се бориме против негаторите, против пропагаторите на лажен живот и лажна божем европска Македонија. Херонеја од 338 година пред нашата ера нека ни бие мотив за нова Херонеја 2018 во која со силна духовна битка за името и со силен македонски патриотизам ќе излеземе победници над сите злососедски и белосветски душмани кои решиле да нѐ уништат, да нѐ сотрат. Да нѐ ослепат нас овдешните милиони Македонци, онака како што на една друга битка кај Беласица 1014-тата ги ослепија четиринаесетилјадните самоилови војници и Македонци кои, за да биде поголема трагедијата, настрадаа токму од Гркот Василиј.

И денес, истите тие кои ни зборуваат за демократија, а не ја спроведуваат во своите граници, истите тие ни кажуваат како требало да се викаме и да се именуваме и внатре во Македонија и надвор од неа. Не е ли срам, Македонци мои, да се откажеме доброволно од сѐ што нас нѐ прави силни и и достоинствени, горди и величествени: Македонци!? Не е ли срам да се откажеме од 33 пати спомнатата Mакедонија во најсветата книга во Библијата? Не е ли срам, без борба, без оружје и без ропство сами да си се откажеме од крстеното ни име библиско, од милениумското ни и вечно име Македонија?!

Срам е, ести најголем срам е и не само пред себеси, ами триж повеќе пред нашите родени деца и уште триж повеќе пред нивните родени и неродени деца чии прадедовци со крвта своја ја испишуваа историјата и иднината на оваа и онаа поголемата Македонија!

Ете, затоа, ете заради нив, заради нашите деца и заради децата на нашите деца треба простум да застанеме пред голематата измама на божемната Европа во Македонија и Македонија во лажната Европа – без Македонци и без името Македонија! Ете, затоа треба да им укажеме и да ги предупредиме нашите денешни раководители дека е време да ја избереме Херонеја 338, за да не ја доживееме Беласица 1014, за да не го доживееме своето доброволно салто мортале сега и засекогаш. Зашто, ако еднаш им дозволиме да нѐ прекрстат, ако еднаш им дозволиме да нѐ згазат, засекогаш ќе останеме поразени, покорени, понижени и умрени за навек како Македонци.

Февруари е, и нека ова биде причина за уште еден славен февруарски поход во кој мора да го зајакнеме својот македонски имунитет и својот македонски идентитет за да издржиме во оваа македонска зима во која демнат балканските и белосветски измами против единствената ни татковина Република Македонија!

Време ести за семакедонско обединување под бајрак-ѕвездата на македонскиот Кутлеш. За да нѐ биде, за да нѐ има. Сега, како и многупати досега. Сега и засекогаш!

 

 

 


Пишува: проф. Димче Донески

Авторот е претседател на здружението „Родољуби Свети Илија“