Хан: Законот за јазици не е приоритетен за позитивна препорака од ЕУ

20 ноември, 2017 | 15:53 часот | 246 прикажувања |

Ако се усвои законот за јазиците во наредните неколку недели, врз основа на препораките од Венециската комисија, тоа е добро, но важно е Владата и другите фактори да се фокусираат на законите условите кои што се релевантни за добивање позитивна препорака од Европската комисија, а законот за јазиците не е дел од она што е договорено во овој контекст, изјави еврокомесарот Јоханес Хан по денешната средба со премиерот Зоран Заев.

„Законот за јазиците не е дел од она што е договорено во контекст на условите што се релевантни за добивање позитивна препорака. Сега е важно да се работи на она што треба итно да се сработи, а ако може и законот за јазиците, во ред. Приоритетите се дефинираат според националните интереси“, порача Хан на заедничката прес конференција со Заев.

Тој ја повика и опозицијата да ја одигра својата улога и да биде одговорна, бидејќи ако се работи за евроатлантска перспектива на земјата и ако тоа е национална цел, тога, како што рече, очигледно е дека целта може да се постигне ако сите одат во ист правец.

„Ја поттикнувам, особено опозицијата да ја одигра својата улога. Опозицијата има улога да биде критична, но барам да бидат конструктивно критичниза да се постигнат сите рокови и датуми за да се постигне потребниот напредок“, изјави Хан.

Тој додаде дека неговата мисија ќе биде постигната ако земјава ги почне преговорите за членство.

„Постигнавме многу, но сега е важно и да се истрча последниот километар или половина километар за да се заврши маратонот. Сакаме на почетокот на следната година тоа да се случи за да се овозможи следниот чекор, да одиме со препораката“, додаде Хан.

Премиерот Заев, пак, говореше за преземените активности во делот на итните реформски приоритети во судството, контролата на разузнавачките служби и за целосна деполитизација и професионализација на администрацијата. Нагласи дека домашните реформски иницијативи и активности во надворешната политика никогаш не биле подинамични и оти интензивно се работи на подобрување на односите со сите соседи, вклучувајќи ја и Грција со која забрзано и заеднички се работи на решавање на проблемот.

„Затоа очекуваме со право Република Македонија да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ најавена да биде соопштена во февруари наредната година. Очекуваме да добиеме чиста препорака за влез во ЕУ и датум за претпристапни преговори на ЕУ со Македонија. Ние ќе испорачаме резултати затоа што овие реформи пред сѐ се за наше добро, но во исто време очекуваме нивно соодветно вреднување од европските институции. Време е во многу блиска иднина да се направи неопходен исчекор и Република Македонија целосно да биде извлечена од долгогодишната криза и со европскиот ветер во грбот да ја заокружи својата визија за модерна, економски напредна и респектирана држава. Заеднички Македонија, државите од регионот и ЕУ да го зграбиме моментот за доброто на сите граѓани“, рече Заев.

Тој кажа дека се надева оти Македонија ќе стане членка на ЕУ и пред 2025 година.

Еврокомесарот попладнево ќе има средби и со лидерите на Алијансата за Албанците, на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зијадин Села, Али Ахмети и Никола Груевски.