Мицкоски: Јавното прифаќање на географската одредница ги загрозува преговарачките позиции

20 февруари, 2018 | 21:46 часот | 1.155 прикажувања |

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето гостување во емисијата Отворено на 24 вести истакна дека јавно искажаниот став на Зоран Заев каде што вели дека за македонската влада е прифатливо име со географска одредница директно ѝ се наштетува на преговарачките позиции на Македонија.

„Географска одредница, сега е почетна преговарачка позиција на македонската влада,а компромисот во секој договор мора да се најде на средина што значи Македонија веќе има нарушена преговарачка позиција, а за двете страни да дојдат до договор, Македонија ќе мора да ги прифати максималистичките барања на грчката страна“, рече тој.

Според Мицкоски, грчката страна ја зацврстува својата преговарачка позиција со се поголеми барања, а македонската влада лицитира јавно со понуди и прави чекори кои тие ги нарекуваат гестови на добра волја, за кој што македонската страна добива палење на македонското знаме и повторна појава на Андартите, односно Македонија не доби ништо за отстапките кои ги направи.

Првиот опозиционер реагира дека владините претставници постојано ги менуваат своите изјави и даваат различни ставови во врска со овој процес. Тоа, според Мицкоски, го прави и самиот премиер Зоран Заев.

„Прво тој имаше позиција дека ќе имаме референдум, потоа дека ќе имаме одложен референдум, за повторно да ја спомне позицијата дека доколку се дојде до заеднички прифатливо решение истото би било дадено на референдум. Гледаме лиферуваме со можни црвени линии што секако не му помага на процесот, напротив, мислам дека тоа штети на националните интереси на Република Македонија. Сѐ на сѐ, една конфузна ситуација во моментов се случува во овие преговори и за жал мислам дека процесот во моментов се претвора од игра која што треба да понуди решение во блејм-гејм игра“, рече Мицкоски, додавајќи дека не знае до кога тоа ќе трае и како ќе се менаџира во иднина.

„Мој совет е да биде малку поинаку и подобро визави она што сега се случува, но сепак одговорноста е на тие што го водат процесот од двете страни“, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на преговарачкиот процес, тој коментираше оти ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да биде алиби за неуспех на владата на СДСМ, но и нема да прифати недостоинствено решение кое е спротивно на интересите на Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да биде изговор за неуспех на некого бидејќи секој оној кој што самиот, како што знаат старите да кажат „си ја закувал чорбата, треба да си ја срка“. Ниту ние ќе дозволиме да бидеме оправдување за неуспехот на некого ниту пак ќе бидеме дел од решение кое што нема да одговори на интересите на Република Македонија“, рече Мицкоски.