Иванов и Мета се заложија за поголема меѓусебна соработка

20 ноември, 2017 | 14:46 часот | 234 прикажувања |

Земјите од регионот треба да соработуваат бидејќи имаат заедничка цел, а тоа е евроатлантското интегрирање, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов по средбата со албанскиот колега, Илир Мета. Иванов истакна дека Македонија очекува поддршка од Албанија за членство во НАТО.

„Македонија очекува Албанија да ја повлече да биде членка на НАТО, да ѝ помогне да добие покана за членство, а во однос на ЕУ се што досега Македонија има направено и сето нејзино искуство и стои на располагање на Албанија на нејзиниот пат кон ЕУ“, изјави шефот на државата, Ѓорге Иванов.

Албанија со нетрпение очекува Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и да постигне напредок во европската интеграција, изјави албанскиот претседател Мета на заедничката прес конференција.

„Во таа насока го поттикнуваме продолжувањето на дијалогот за надминување на сите прашањата, кои претставуваат пречка на тој пат. Македонија како членка на НАТО, не е успех само за самата земја, туку и за целиот регион, бидејќи тоа претставува фактор за безбедност во овие турбуленти времиња“, рече претседателот на Албанија, Илир Мета.

Претседателот на Албанија вели дека треба да се почитува идентитетот на малцинствата во двете земји. Изрази задоволство бидејќи Законот за јазиците ја мина првата фаза, изразувајќи надеж дека ваков напредок ќе бил забележан и во однос на други прашања со цел подобар сооднос во Македонија. Прашан за тоа дали ќе го потпише Указот за Законот, пак, претседателот Иванов одговори дека за тоа ќе се произнесе откако истиот ќе му биде доставен, нагласувајќи дека се мора да биде согласно со Уставот и националните интереси.

Двајцата претседатели се согласија и околу потребата за продлабочување на економонската соработка.

извор: МРТ