ОЈО сослушува сведоци и го истражува скандалот во Домот „25 мај“

20 февруари, 2018 | 16:38 часот | 588 прикажувања |

Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство Велес ја известија јавноста дека преземаат дејства за да ги утврдат фактите во врска со случајот на штитеничката од ЈУ „Завод за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение“ од Скопје. Јавното обвинителство соопшти дека информациите што може да се споделат во моментот се само оние што нема да ја повредат тајноста на постапката и одредбите на Законот за правда за децата, кои се однесуваат на заштита на детето како оштетено или сведок во кривичната постапка.

Од Основното јавно обвинителство Скопје информираа дека се оформени предмети по писмени известувања поднесени од Министерството за внатрешни работи. „Доставена е наредба за проверка на наводите од пријавите и за организацијата и работењето во установата. Повикани се и се врши сослушување на повеќе лица што може да придонесат кон утврдување на фактите и за кривичната одговорност. Во врска со последните информации што се однесуваат на поголем број штитеници од установата, Обвинителството достави писмено барање до Министерството за труд и социјална политика со цел прибирање потребни податоци“, пишува во соопштението на Обвинителството.

„Во Основното јавно обвинителство Скопје е отворен и предмет по поднесена кривична пријава од родителите на девојчето преку адвокат против лица вработени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје за сторени кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластувањето и несовесно работење во службата од Кривичниот законик“, наведува Обвинителството во соопштението.

Основното јавно обвинителство Велес, по применото известување, издало наредба за телесен преглед до Институтот за судска медицина. Вчера до Обвинителството од Министерството за внатрешни работи е пристигната кривична пријава против конкретен сторител.

„Постапката интензивно ќе продолжи со расветлување на настанот сè до донесување на јавнообвинителска одлука“, додаваат од Обвинителството.