Ахмети на средба со Пломп: Конечното одобрување на Законот за јазици е прашање на денови

20 февруари, 2018 | 16:36 часот | 735 прикажувања |

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска се сретна со амбасадорот на Холандија во Македонија, Волтер Пломп. Двајцата разговарале за политичките случувања, спорот за името, законот за јазиците, како и за евро-атланската интеграција.

Ахмети ги елаборирал ставовите на ДУИ за разговорите за прашањето за името со Грција, посредувани од страна на медијаторот Метју Нимиц.

„ДУИ поттикнува брзо решавање на овој пролонгиран проблем и целосно го поддржува директниот дијалог кон решение“, рекол Ахмети.

Тој го повторил ставот за законот за јазиците нагласувајќи дека конечното одобрување е прашање на денови и дека сите треба да дадат придонес за успешно заокружување на нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор. Соговорниците исто така размениле мислења за работата на Собранието и извршната власт, при што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги истакнал своите најголеми очекувања во решавањето на секојдневните предизвици.