За проблемот со пловилата во Охрид потребно е системско решение

20 ноември, 2017 | 15:45 часот | 299 прикажувања |

Со исцрпни пумпи на ЈП „Нискоградба“ денеска се црпеше водата од потонатиот брод „Мис Стон“ во каналот Студенчишта, кој потоа беше дислоциран од каналот. Портпаролот на локалната самоуправа, Томе Џамтоски соопшти дека за понатамошната судбина на бродот ќе има соодветна процедура со сопственикот и сите надлежни служби кои треба да решаваат.

Џамтоски вели дека немањето на соодветен паркинг простор за пловните објекти во Охрид претставува стара рана за локалната власт.

„Не само бродовите, туку и кајчињата се паркираат во каналот. Тоа е една стара рана на локалната самоуправа, односно на Министерството за транспорт и врски и Капетанијата за немање на соодветен простор за паркирање на пловните објекти. Ние во повеќе наврати за било која акција која сме ја спроведувале на овој простор, сме апелирале до сопствениците да ги дислоцираат пловните објекти“, рече Џамтоски.

Тој е убеден дека во понатамошниот период ќе се изнајде решение, а ставот на Општина Охрид е дека треба да се најде системско решение за сите пловни објекти во Охрид.

„Знаете дека во минатото се зборуваше за изградба на марина и реконструкција на пристаништата, верувам дека новата локална власт ќе најде решение и овој простор да заличи на вистински парк, а сите пловни објекти кои не се регистрирани и не се во пловна состојба да бидат отстранети“, додаде општинскиот портпарол.