Османи: Швајцарското искуство ќе ни помогне за имплементација на новиот Закон за јазици

20 февруари, 2018 | 13:36 часот | 520 прикажувања |

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска остварил средба со заменик државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Швајцарија, Кристина Марти Ланг.

Како што информираат од кабинетот на Османи, на средбата се разговарало за билатералната соработка меѓу двете земји, особено континуираната финансиска поддршка од страна на Швајцарија, како една од првите и најдолгорочните земји донатори во развојот и напредокот на Република Македонија.

„Швајцарија претставува една од најважните земји – пријатели на Македонија, чија финансиска поддршка датира уште од 1992 година, додека политичката поддршка, веројатно уште порано“, истакнал Османи на средбата, пренесувајќи ја притоа, покрај личната, и благодарноста од страна на Владата за искрената и континуирана поддршка.

„Покрај поддршката, Швајцарија претставува и значајна политичка и општествена инспирација за Република Македонија, како позитивен пример за функционално мултикултурното општество“ рекол Османи, додавајќи дека искуствата на Швајцарија во организацијата и примената на мултијазичното општество ќе претставуваат значаен инпут за поефикасна имплементација и на новиот закон за употреба на јазиците во Република Македонија.

За време на средбата, вицепремиерот Османи ги пренел и впечатоците на Владата од новата Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.

„Добивме прецизна валоризација на напредокот во приближувањето кон Европската Унија, што ќе претставува значаен поттик за одржување на фокусот на државата кон европската и евроатланската перспектива“ посочил Османи.

Тој додал дека Стратегијата претставува еден од клучните документи со кои се зацврсти европската ориентација на целиот регион на Западниот Балкан, нешто што се очекува буквално да биде зацементирано на историскиот Самит за проширување, во Софија во мај.