Објавен наградениот роман „Мелница за мумии“ на чешкиот писател Петр Станчик

20 февруари, 2018 | 13:33 часот | 467 прикажувања |

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави романот „Мелница за мумии“ на чешкиот писател Петр Станчик, во превод од чешки јазик на Донка Роус. Книгата е наградена со најпрестижната книжевна награда во Чешка – „Магнезија литера“ за најдобра чешка проза во 2015 година.

Романот е означен како „мистичен гастрономско-порнографски трилер“ и тој всушност е пародија, гротеска, хумор, иронија, алузија, историја, психологија, културологија, еротика, порнографија… Но е и роман што им припаѓа на повеќе жанрови: историски, магичен реализам, фантастичен, детективски трилер… Оценет е како брилијантен, фин лингвистички дијамант, ремек-дело.

Дејството во „Мелница за мумии“ се одвива во 1866 година. Додека во Европа се подготвува војна меѓу Австрија и Прусија, во Чешка почнува да беснее првиот чешки сериски убиец. Главниот херој, комесарот Дурман од прашката полиција, го дели своето време меѓу истражувањето на бизарните убиства, кулинарските експерименти, романтичната љубов спрема госпоѓицата Хедбавна и водењето љубов во јавните куќи. Дејството тече во храдчанските катакомби, на блескавите булевари на Париз, во тајните гробници во утробите на мексиканските пирамиди и на крвавите бојни полиња кај Храдец Кралове. Поплочено со загадочно искасапени мртовци, дејството на крајот има изненадувачкиот пресврт.

Во мракот на новогодишната ноќ 1866 година полицискиот комесар Дурман нагазува труп. Тоа е почетокот на серијата убиства, а секое од нив се извршува на денот кога се чествува одреден светец и слично на начинот на којшто загинал тој. Но зафаќајќи се со истрагите, Дурман ужива во сјајот, сласта и гастрономијата на тогашната Прага. Тој е почесто во крчмите и во јавните куќи отколку во полициската управа. Пародично вљубен, тој на љубената ѝ ветува дека ќе се ожени веднаш штом ќе го разоткрие серискиот убиец. Но труповите се множат. Исто така и ненаситните куртизанки, со кои го сретнува судбината…

Централната тема на романот, всушност, е релативноста на казната и нејзиното извршување. Основната приказна – детективската потрага по мистериозниот сериски убиец, во времето на крвавиот пруско-австриски воен конфликт – ја отсликува контрадикторноста меѓу поединечното убиство, што општеството го осудува и го казнува, и масовното, односно институционалното убиство од страна на војската, кое се наградува. Но со случаите за заговор, приказната и казната добиваат пресврт…

Петр Станчик (1968) е прозаист, поет, есеист и драматург. Роден е во Рихнов над Кнежна, матурирал во Хра¬дец Кралове, а студирал на Педагошкиот факултет, како и режија на ДАМУ во Прага, каде што студиите предвреме ги напуштил. До 1989 година работел тешки физички работи, а потоа како учител, телевизиски режисер и текстописец за реклами, а од 2016 сосема ѝ се посветува на книжевноста – како слободен писател. Живее во Прага.

На сѐ што објавувал до 2006 година се потпишувал со псевдонимот Одило Страдицки од Страдице, а од 2007 книгите ги потпишува со свое име. Освен со книжевноста, се занимава и со изучувањето на историјата на доцниот среден век во Чешка. Пишува и книги за деца. Неговите прозни дела се: Двоен извор (1993), Адмирал на чајот (1997), Скршена потковица (1997), Фосфен (2001), Перак (2008), Мелница за мумии (2014) – наградена со најпрестижната книжевната награда во Чешка Магнезија литера за проза 2015, Ангелско јајце (2016) – избрана за книга на годината во анкетата на „Лидове новини“ и 100 милијарди неврони (2017).

Автор е и на четири стихозбирки, седум книги за деца, како и на неколку радиодрами изведени на Чешкото радио. Неговите дела се преведени на англиски, шпански, германски, полски, бугарски, унгарски, литвански и албански. „Мелница за мумии“ е првото негово дело објавено на македонски јазик.