Заев-Чаба: Македонија ја има поддршката од Канада за интеграцијата во НАТО

20 февруари, 2018 | 12:54 часот | 564 прикажувања |

Премиерот Зоран Заев, претпладнево се сретна со Кетлин Чаба, амбасадорка на Канада за Република Македонија. Како што информираат од прес-службата на владата, канадската амбасадорка ги поздравила чекорите на стабилност што ги направиле премиерот Заев и новата Влада по политичката криза во земјата, низ, како што рекла, ефективен реформски процес и добрососедски односи. Воедно, пренела поддршка од Канада за интеграциите на Република Македонија во НАТО.

На средбата била заеднички изразена определба за унапредување на соработката помеѓу двете пријателски држави, посебно во делот на економијата и можностите за инвестирање.

„Правиме се што е потребно за реализација на стратешките цели на Република Македонија, интеграциите во НАТО и ЕУ, низ реформскиот процес, развојот на поволна инвестициска клима, политиките на градење доверба во државата на политичко и меѓуетничко ниво, како и на меѓународно ниво, со соседите и со пријателите на Македонија од меѓународната заедница. Тоа ни дава за право да очекуваме, во оваа 2018 година за Република Македонија да се случат значајни поместувања во евро-атлантските интеграции“, рекол премиерот Заев.

Претседателот на Владата истакнал дека ваквите перспективи за Македонија, ќе значат и економска стабилност за граѓаните и државата. Канадската амбасадорка Чаба соопштила дека има заинтересирани бизнисмени од Канада за инвестирање во Македонија и договорено е, соработката, поактивно да продолжи низ дефинирање на областите од заеднички интерес.