Продолжува судењето за нападот врз Зијадин Села

20 февруари, 2018 | 8:33 часот | 474 прикажувања |

По вчерашното сведочење на пратеникот и лидер на Алјансата за Албанците Зијадин Села за насилствата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година денеска во Кривичниот суд треба да се продолжи судењето на обвинетите за обидот за негово убиство.

Села вчера даде исказ за случувањата во Собранието. Кажа дека во прес-салата бил удрен со монитор и со копје од знаме и оти слушал закани упатени кон него дека ќе биде убиен.

На претходното рочиште адвокатот на Села побара отштета за својот клиент во висина од 30 милиони денари. Средствата што се бараат како отштета се за материјалните трошоци за лекувањето на Села, како и за претрпената физичка болка, повреда на личниот интегритет и за претрпен страв.

Во овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.