Дачиќ: Никој не го критикува Рама за изјавата дека Косово и Албанија треба да имаат заеднички претседател

19 февруари, 2018 | 21:08 часот | 433 прикажувања |

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска ја осуди изјавата на албанскиот премиер Еди Рама и оцени дека ЕУ и западните земји ја „ставаат главата во песок“ пред, како што рече, големоалбанската политика.

Изјавата на Рама за заеднички претседател на Албанија и на Косово за Дачиќ е „вџашувачка“ и констатираше дека и овојпат „големоалбанските изјави“ минуваат без какви и да се или млаки осуди од страна на ЕУ и западните земји.

„Рама буквално рече дека Албанија и Косово се една држава со еден претседател, заедничка надворешна и безбедносна политика. И никој не го критикува“,истакна Дачиќ.

Тој праша што би се случило доколку Белград рече дека Србија и Република Српска би требало да имаат ист претседател и заедничка надворешна политика.

Но сепак, реакција дојде и од Брисел, од каде изјавата ја оценија како несоодветна.