Брнабиќ: Не барајте од нас да избираме ЕУ или Русија

20 ноември, 2017 | 11:39 часот | 283 прикажувања |

Српската премиерка Ана Брнабиќ во интервју за британски Фајненшл тајмс изјави дека „од Србија не треба да се бара да избира меѓу Западот и Русија.

Весникот наведува дека Брнабиќ „инсистирала на тоа дека врските на Србија со Москва не се пречка за нејзината кандидатура за членство во Европската Унија“.

ФТ наведува дека „со изборот на експертката за реформи Брнабиќ во јуни беше испратен сигнал дека Белград влегувањето во ЕУ го поставил како најважна цел“, но дека „патот на Србија во ЕУ останува замаглен поради различното ниво на напредокот во реформите, заморот од проширувањето во европскиот блок и скептицизмот поврзан со политичките, воените и економските врски на Белград со Русија“.

Во воведот на интервјуто се наведува дека „европските функционер – кои покажуваат сѐ поголемо внимание за влијанието на Русија на Балканот – ја обвинуваат Москва дека поттикнува немири во регионот и со внимание гледаат на балансирањето на Белград меѓу Истокот и Западот“, како и дека „САД исто така бара од Белград јасно да ја каже стратегиската насока во која оди, па висок американски дипломат месецов ја предупреди Србија дека „не може истовремено да седи на две столчиња““.

Фајненшл тајмс истакнува дека Брнабиќ во интервјуто кажала дека „интеграцијата во ЕУ останува главната надворешнополитичка цел“.