Иванов денеска во Анкара ќе има средба со Ердоган

19 февруари, 2018 | 10:40 часот | 1.409 прикажувања |

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата, г-ѓа Маја Иванова, од денеска престојува во официјална посета на Република Турција.

Претседателот Иванов, во Анкара, ќе биде примен со највисоки државни и воени почести и ќе оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган и со претставници на турскиот државен врв. Во рамки на посетата, претседателот на Република Македонија ќе положи венец во Мавзолејот на Кемал Ататурк во Анкара.

За време на официјалната посета на Република Турција, македонскиот претседател ќе одржи предавање на тема „Предизвици на високото образование во третиот милениум“, пред членовите на Советот за високо образование на Република Турција и ректорите од сите државни и приватни универзитети на Република Турција.

Претседателот Иванов, во Истанбул, ќе се обрати на отворањето на Светскиот форум на бизнис ангели, во чии рамки, на македонскиот претседател ќе му биде доделена наградата за Светско лидерство, по повод прогласувањето на „Школата за млади лидери“, како најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година.