Од денес започнува Велигденскиот пост

19 февруари, 2018 | 9:20 часот | 438 прикажувања |

Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, односно 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден.  По 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страстна седмица.

Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.

Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата. Постиме од гревовноста и од мрсноста.

Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи  воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.

Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.