Заев со владина делегација во посета на Србија

20 ноември, 2017 | 11:27 часот | 318 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, доцна попладне заминува во официјална посета на Република Србија, во придружба на владина делегација во чиј состав се заменикот претседател на владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски.

Работниот дел од агендата на оваа официјална посета на македонска владина делегација на Република Србија, започнува утре со тет-а-тет средба меѓу Претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ и претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

Двете владини делегации, предводени од премиерите на Република Србија и Република Македонија потоа ќе одржат заедничка пленарна средба, на која ќе се разговара за теми од интерес на граѓаните на двете земји, како и за натамошното продлабочување на односите.

По пленарната средба на делегациите на двете влади, предвидена е заедничка прес конференција на двајцата премиери, Ана Брнабиќ и Зоран Заев.

Владината делегација на Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев потоа ќе биде примена од Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ.

Премиерот Заев и владината делегација на Република Македонија потоа ќе имаат работни активности во амабасадата на Република Македонија во Белград, по што ќе заврши оваа официјална посета на Република Србија.