Дескоска во Штип на дебата за новите планови и програми во образованието

15 февруари, 2018 | 20:38 часот | 491 прикажувања |

Министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска, денеска беше во посета на Општина Штип, од каде започнува спроведувањето на повеќе дебати со наставници од основните училишта во земјата, а со цел да се слушнат различните мислења и сугестии за надградба на новите наставни планови и програми во основното образование. Настанот започна со детална презентација на професорот Велковски за најавените реформи во основното образование.

На оваа прва средба со претставниците од училиштата од источниот регион, како и професори од Педагошкиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, министерката Дескоска ги повика сите заинтересирани активно да се вклучат во дискусиите, потенцирајќи дека важно е мислењето на секој поединец и дека секој издржан предлог сериозно ќе се разгледа и интегрира во новите наставни програми за учениците од прво до трето одделение.

„Сметаме дека создаваме образование кое ги почитува интересите на учениците и ја развива љубовта кон учењето, им дава слобода и ја поттикнува креативната работа на наставниците“, изјави министерката Дескоска.

Претходно, посетата на Штип, Дескоска придружена од градоначалникот на општина Штип г. Благој Бочварски, ја искористи и за средба со учениците од основното училиште „Славејко Арсов“, каде неодамна е изградена и пуштена во употреба нова спортска сала, како дел од проектот за озградба на 145 училишни спортски сали што го реализира Минитерството за образование и наука.