Претседателот Иванов приреди работен ручек за амбасадорите од Вишеградската група

15 февруари, 2018 | 17:54 часот | 553 прикажувања |

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди традиционален работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Унгарија, Н.Е. г. Ласло Иштван Дукс, амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. г. Хенрик Маркуш, амбасадорот на Република Полска, Н.Е. г. Јацек Мултановски и амбасадорот на Чешката Република Н.Е. г. Мирослав Томан.

Претседателот Иванов и амбасадорите разговараа за натамошното продлабочување на билатералните односи и соработката, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат Европската Унија и континентот Европа.

Соговорниците констатираа дека земјите имаат воспоставено одлични билатерални односи и континуиран политички дијалог кои се базираат на искрено пријателство, меѓусебна почит и взаемно разбирање.

Претседателот Иванов го истакна големото значење на досегашната принципиелна и отворена поддршка од Вишеградската група во однос на евроатлантските интеграции на Република Македонија, која е од исклучителна важност за исполнувањето на нашите стратешки цели и приоритети.

Во тој контекст, македонскиот претседател ја нагласи неопходноста од фер третман за Република Македонија во однос на отпочнувањето на пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.

„Република Македонија останува посветена на патот кон целосна интеграција во Европската Унија и во НАТО и на тој план очекуваме вашата политика на отворени-врати да помогне во соодветното вреднување на нашиот напредок“, порача македонскиот претседател.

Взаемното соочување со предизвиците од мигрантската и бегалската криза, претседателот Иванов го истакна како позитивен пример на соработка меѓу земја-кандидат за членство и земји-членки на Европската Унија и се заблагодари за помошта во опрема и во полициски сили од земјите на Вишеградската група.

Амбасадорите ги поздравија напорите на Република Македонија за што поскоро зачленување во ЕУ и во НАТО и изразија уверување дека земјите од Вишеградската група ќе продолжат со поддршката на европските и евроатлантските аспирации на нашата земја.

На средбата беа разгледани и можности за идни активности во економската сфера со цел продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу Република Македонија и земјите на Вишеградската група.