Бугарскиот претседател Радев: Да направиме луѓето од двете земји да се чувствуваат како браќа

15 февруари, 2018 | 16:47 часот | 2.326 прикажувања |

Позицијата која ја зазеде раководството на Република Македонија беше пресвртница и даде шанса за нова перспектива, за која ние од Бугарија секогаш сме биле отворени. Треба да направиме луѓето од двете страни на границата, и од Бугарија и од Македонија, навистина да се чувствуваат како браќа, вели бугарскиот претседател Румен радев во интервју за агенцијата БГНЕС, пред неговата утрешна официјална посета на Македонија.

„Покажавме дека, освен заедничкото минато, можеме да имаме и заедничка иднина. Прашањето е како да се материјализираат сите клучни точки во Договорот за добрососедство. Јас длабоко верувам дека претставниците на свештенството и на Македонската православна црква, и на БПЦ, ја сфаќаат својата одговорност и ќе дејствуваат мудро“, изјави Радев.

Во врска со Договорот за добрососедство, Радев вели дека е најважно што по 20 години тој станал реалност, но потсетува дека договорот е само хартија и очекува да почне да се спроведува, откако во предвидениот рок ќе се формира заедничка експертска комисија.

На прашањето што може да направи Бугарија како претседавач со Европската Унија, за Западниот Балкан, а особено за Македонија, Радев вели дека би било голем успех за време на бугарското претседавање Македонија да добие покана за почеток на преговори со ЕУ, но дури и да не се случи тоа, Бугарија може и треба да помага со експертиза и со препораки, бидејќи по 11 години членство во ЕУ има многу што да сподели.

За Радев многу важен знак е фактот дека во неговата делегација утре во Македонија ќе дојдат и двајца митрополити од БПЦ, и тој, како што вели се надева дека претставниците на свештенството од Македонската православна црква и од БПЦ ќе дејствуваат мудро.

Во врска со позицијата на Бугарија за спорот за името меѓу Грција и Македонија, тој верува дека треба да се реши меѓу двете земји, но додава дека за Бугарија е важно во името да нема географски одредници кои „содржат“ дел од територијата на Бугарија. За таа цел ќе бидат во контакт со македонските власти со цел да се најде најдоброто можно решение.

извор: МКД.мк