МАНУ прифатила Република Македонија (Скопје) во интерна декларација од 2010 година

15 февруари, 2018 | 11:56 часот | 1.067 прикажувања |

Македонската академија на науките и уметностите не се има изјаснето околу актуелната ситуација во врска со преговорите за спорот за името со Грција, по идеите што ги има изложено посредникот Метју Нимиц по изјавата на премиерот Заев дека Владата е подготвена да прифати име со географска одредница, пренесе дневниот весник Нова Македонија.

Но за разлика од сега, Собранието на МАНУ има усвоено соодветна декларација за името уште на 25 мај 2010 година. За волја на вистината декларацијата беше за интерна употреба и досега не го видела светлото на денот. „Нова Македонија“ дојде до тој документ. Во денешниот број ви ги пренесуваме главните точки од усвоената, но необјавена декларација. Во нив се назначени суштествени ставови што се актуелни и по 8 години од донесувањето и кои би можеле да важат и денес. Кои биле причините декларацијата да остане во фиоките на академиците одговор не сме добиле.

ДЕКЛАРАЦИЈА

1. Предмет на разговорите за надминувањето на разликите околу употребата на името, во согласност со Привремената спогодба и Резолуцијата на Советот за безбедност на ООН е единствено името на државата Република Македонија, кое ќе се употребува во ООН и не може да биде проширен на прашањата за националниот идентитет на македонски народ, името на македонскиот јазик, уставното име на државата, односно името под кое Република Македонија е признаена во светот и во билатералните односи со други држави или воопшто употребата на името Република Македонија и атрибутот македонски, во кодови, шифри и брендови за меѓународна употреба.

2. Никој, ниту претседателот на Република Македонија, ниту претседателот на Владата, ниту претседателот на Собранието на Република Македонија, ниту кој било друг орган вклучен во службените разговори и односи помеѓу Република Македонија и Република Грција, нема легитимно право да преговара и да потпише каква било спогодба за прашања што не се опфатени со Привремената спогодба и со Резолуцијата на Советот на безбедност на ООН: уставното име на Република Македонија, националниот идентитет на македонскиот народ и името на македонскиот јазик, во неговите јазични изрази, кои се општоприфатени во светската лингвистичка наука (македонски, Macedonian, macedonien, mazedonishe итн.).

3. Националниот идентитет на секој народ е историска и културна придобивка и колективен сублимат на природното човеково право на припадност кон определена заедница, а јазикот сврзно животно ткиво на националната и културна заедница и основна карактеристика и услов за нејзината посебност, опстојување и иднина. Никој нема право да ги менува, со каков било договор, уцена или диктат, ниту да заговара решенија на негирање на националниот идентитет или јазикот, во современата цивилизација квалификувани како национално-културен геноцид.

4. Академијата исто така укажува на тоа дека определбата на националното име и идентитет на една нација, држава, јазик и култура е основно човеково право и слобода на граѓаните, гарантирани и заштитени со темелни меѓународни правни акти и дека сите акти спротивни на ваквата слободна определба значат тешка повреда на меѓународниот правен поредок.

5. Уставното име на секоја држава е исклучително работа на нејзините граѓани. Барањето за негова промена е без преседан во поновата историја и е спротивно на Повелбата на ООН, меѓународното право и практиката на Меѓународниот суд на правдата. Врз ниту една суверена држава, полноправен субјект на меѓународната заедница, не може да се врши притисок да го менува своето име и под никакви услови одбивањето да го стори тоа не може да се смета за загрозување на интересите и правата на некоја друга држава, признаени со меѓународното право.

6. Развивањето добрососедски пријателски односи со Република Грција е приоритетен интерес на граѓаните на Република Македонија. Со нашиот сосед нѐ поврзуваат традиционално пријателство, заеднички економски и други интереси и огромни можности за научна и културна соработка, на која заедно нѐ обврзува фактот дека живееме во регион што е лулка на современата цивилизација и култура. Република Македонија е цврсто определена за членство во Европската Унија, а со тоа и за прифаќање на сите европски стандарди и вредности, што е истовремено и најсилна гаранција за Република Грција и за заштитата на нејзините национални интереси.

7. Уважувајќи ја сета чувствителност на прашањето што е предмет на разговорите за граѓаните на Република Грција и почитувајќи го ставот на меѓународната заедница за потребата од кооперативност за постигнување компромис, предлагаме македонската страна во разговорите да излезе со компромисен предлог за користење на името Република Македонија (Скопје). Ова име и во политичка и во географска смисла ја разликува Република Македонија од истоимениот регион во Република Грција и со него може да биде надмината апсурдноста на досегашната привремена референца (Поранешна Југословенска Република Македонија). Употребата на ова име само во рамките на ООН и во комуникацијата со државите, кои, како членки на ООН, ќе се определат така да ја нарекуваат Република Македонија, не е во спротивност со барањето за зачувување на уставното име на Република Македонија, македонскиот национален идентитет и посебноста на македонскиот јазик.

8. Постигнувањето единство во градењето на преговарачките ставови на надлежните државни органи и релевантните политички субјекти врз овде изложените принципиелни основи е предуслов за забрзување на преговарачкиот процес и за негово успешно завршување. Демонстрирањето еднодушна и искрена определба за постигнување договор може само да ја зајакне довербата помеѓу двете преговарачки страни, едновремено насочувајќи ги кохезивните сили во Република Македонија кон поставување на барањето за единство на повисоко рамниште од дострелот на партиските, политичките и другите парцијални интереси.

9. Спорот со Република Грција околу користењето на името на Република Македонија во ООН не смее да се користи како повод за оддолжување или попречување на потребните реформи што треба да ги изврши Република Македонија за почнување преговори за членство во Европската Унија и во НАТО, кои треба да бидат во преден план.

10. Оваа декларација е глас на научната совест, глас на разумот, вистината и правдата и се упатува до највисоките државни институции на Република Македонија, до највисоките државни институции на Република Грција, до Советот за безбедност на ООН, до посредникот во спорот, г. Метју Нимиц и до домашната и до меѓународната јавност.

Како што кажавме на почетокот од текстот, декларацијата е усвоена, но сочувана за интерна употреба. Инаку, Академијата и во претходните години носеше јавни документи во врска со ова прашање повикувајќи се на определбите на МАНУ за одбраната на уставното име на Република Македонија и на македонскиот национален идентитет. Во таа смисла изработена е Промеморијата на МАНУ во врска со спорот за името на Република Македонија од мај 2002 година, а свои ставови има изградено и претседателството на Академијата во март 2009 година.

извор: Нова Македонија